|
Аконкагва 6963 мнв
...од дневникот на Илина
Иле и Илина стигнаа Во Мендоза на 18.01.2011 со нови цели и предизвици.
На 21 веќе заминавме на тренинг и аклиматизација на масивот Cordon del Plata, во близина на Мендоза. На оваа планина поминавме 6 дена и го искачивме врвот Vallesitos 5500 мнв. За несреќа последните денови тамо беа вистинско мачење поради неочекуваната инфекција што му го воспали коленото и целата потколеница на Иле. Со целиот оток, температура и треска полека се спуштивме назад до Мендоза на 27.01. Инфекцијата на Иле излезе посериозна од што мислевме па моравме да поминеме недела дена во Мендоза под силни антибиотици, одмор и лед.
Во меѓувреме српската комерцијална експедиција за Аконкагва пристигна во Мендоза, каде член беше и нашата Билјана Серафимовска. Ги испративме нив на Аконкагва и ги пречекавме другите Македонци што пристигнаа како самостојна група: Мишко Таневски и Филип Василевски од Охрид, и Александар Таталовиќ (Канада), кои пристигнаа на 29. И нив ги испративме на Аконкагва некаде на 1,2. Фев.
Нашата експедиција во двојка беше скоро откажана бидејќи вистина, во име на здравјето сметавме дека е подобро да се вратиме веднаш во Македонија.
Сепак почекавме уште некој ден, кога работите изгледаа доста подобрени, Иле ме убеди да пробам да качам сама, бидејќи тој мораше да продолжи да ја одмара ногата. Така одлучивме да тргнам сама па да видиме како ќе биде. Иако се чувствував подготвена за овој подвиг, сепак ми беше чудно чувството да одам сама на планина кога секогаш тоа го правиме заедно.
Конечно на 4 феб. тргнав од Мендоза за Horkones - влезот во националниот парк. Иако тамо пристигнав доста доцна попладнето, сепак успеав истиот ден да се искачам до базниот камп Кonfluencija на 3390мнв. Следниот ден веднаш отидов на следниот базен камп Plaza de Mulas на 4350м до каде имаше добри 7 часа одење.
Бидејќи се чувствував спремна и аклиматизирана, сакав што побрзо да ја качам планината и да се вратам назад за да дознаам новости за состојбата на Иле.
Следниот ден на Plaza de Mulas направив кратка аклиматизација до висинскиот камп Kanada на 5000м.
На Plaza de Mulas во тој период се видов и се дружев со сите останати Македонци на планината: Биле, Мишко, Филип, како и со сите Срби, Црногорци, Хрвати кои беа дел од многубројната мешана група предводена од српскиот водич Јачимовиќ. Иако Србите беа тргнати 6 дена пред мене а другите Македонци 3 дена пред мене, со мојата предходна аклиматизација и со брзина на самостојното темпо, без проблеми ги стигнав.
Следниот ден на 07.02. колку и да не сакав да одмарам во базниот камп, сепак морав да останам уште еден ден оти ме снајде некаква алергија. Повеќе пати морав да земам лекарства и одам на контрола кај дежурните лекари во базниот камп, кои даваа бесплатен и задолжителен преглед.
На ден 8.02. се чувствував добро а и другите Македонци спремни, одморни и аклиматизирани од нивното претходно качување до висинскиот камп Nido de Condores на 5560м, па се решивме заедно да одиме до кампот Nido de Condores, овој пат со преспивање и целење кон врвот.
Стигнавме на кампот кој во превод значи Гнездо на кондорите, кога времето почна да се влошува. Снегот што неколку дена го најавуваа, конечно не стигна.
Сите компании, поголеми групи и метеролошки прогнози за висина го предвидуваа 10 фев. како добар ден за качување на врвот. Значи во тој период, со време кое се очекуваше да се влошува се повеќе, 10-ти беше предвиден како најдобар ден за кон врв.
Така одлучив да ја темпирам сопствената програма за качување на врвот на 10-ти, независно од другите Македонци и другите групи на планината. Значи и немаше повеќе време за чекање, мораше следниот ден веднаш да заминам на следниот висински камп Berlin на висина од 5930м. Истиот ден заминаа и Србите, за разлика од нив Македонците одвоија уште еден ден за аклиматизација на Nido.
Решив сама да продолжам нагоре со цел да го качувам врвот на 10-ти. Но, како се придружив на Македонците претходната вечер, сега немав шатор за да можам сама да преспијам на следниот базен камп. Ги прашав Србите дали ќе имаат место во шатор за 1 преспивање, бидејќи сега нивниот број се беше намалил поради откажувања, а шатори имаа доволно. Гостопримливо ми излегоа во пресрет за што сум им бескрајно благодарна. Стигнав на Berlin истото попладне, иако тргнав доста подоцна. Преспав во шатор со Срџан и Божо и следното утро ги оставив да се спремаат и темпирано во 5 часот сабајле, целата нивна група се упати кон врв. Јас се доспремив, стопив уште малку снег за пиење и некаде после 6 часот и јас тргнав нагоре.
Бев сосема сама. На почетокот беше темница и сите се движат со челни лампи, но јас освен својата, не можев да видам ниту една друга светилка на планината. По некое време стигнав и престигнав неколку Пољаци од друга одвоена група. Дури од кога се раздени, пред да стигнам на алтернативниот камп Indipendencija 6370м, почнав да престигнувам уморени, забавени членови од српската група. Дојдов до траверсот кој е доста исцрпувачки, особено вака прекриен со новото количество на снег. Стигнав до местото Kanaleta, каде се чувствував доста уморна, со чудна болка во градите и полузамрзнати прсти. Во секој момент кога ми беше потешко само си мислев на Иле и дека ова морам да го направам за двајцата нас. Ги следев неговите совети до сега и ете се најдов на 100м под врвот.
Од местото Kanaleta 6660м кон врвот тргнав со уште двајца Пољаци, кои одеа зад мене. Некаде на пола пат не пресретнаа најистрајните од српската група кои се симнуваа од врвот. Тие одејќи надоле ме охрабрија и ја пофалија мојата упорност што ми даде нов кураж и мотивација. Нагоре веќе беше доста полесно. Кога целта е видлива, мотивот е во срцето, секогаш мислејќи на зборовите на Иле, веќе воопшто на се чувствував уморна. Висината не ми пречеше. Единствено се молев за добро време. Повеќе сонце а помалку облаци, но сепак облаците надоаѓаа од сите страни. Знаев дека се спрема големо невреме.
Се качив на врвот во 15:57, заедно со двајцата Пољаци зад мене. Нивниот водич ги чекаше веднаш под врвот. Добро беше да знам дека не сум сама за враќање. Баш тој ден и немаше многу луѓе нагоре. Се сликавме на врвот, но не се задржавме предолго оти времето значително се влошуваше.
Надоле тргнавме четворица, но на Kanaleta се раздвоивме. Јас одев побрзо со едниот Пољак, а другите двајца останаа позади. Тие двајца имаа радио врска во случај да заглават да викнат помош. Јас одев брзо надоле и во далечината, на пола траверс видов 5-6 души од српската група како се мачат околу еден повреден. Дечкото беше скоро колабиран од умор и висина, на секој чекор паѓаше во снегот со големи шанси да се струполи по стрмната падина. Ги престигнавме и прашавме како да помогнеме. Другите околу него се држеа добро, само веќе мрзнеа поради вонредно успореното темпо на движење. Ми рекоа дека нивниот водич ќе ги чека некаде подоле, па мора да стигнат до него. Реков ќе побрзам да го известам за да ги пресретне. Видливоста значително се намалуваше. Ветрот ги бришеше сите траги во снегот, а студот ни ги замрзнуваше сите експонирани делови.
Заедно со едниот Пољак стигнавме до срушената куќичка Indipendencija на 6370м, каде го сретнавме водичот Јачимовиќ со уште неколку члена од неговата група кои успешно го качија врвот, порано, истиот ден. Го известивме за проблемот, еден од неговите асистенти ја пречека заостанатата група за да не се загубат, а потоа сите, заедно, безбедно се симнавме до кампот Berlin каде преспавме таа вечер.
За среќа се добро се заврши. Македонците не пречекаа во кампот спремајќи се да се обидат да го качат врвот следното утро. Следниот ден се симнавме до Plaza de Mulas, за жал невремето продолжи па и тие одлучија, на тој ден, 11.02. да се симнат надоле. Во овој период беа регистрирани 6 жртви и којзнае колку случаи на евакуација. Сепак за среќа на сите ние од нашиве простори добро издржавме.
Во моментите на слаба видливост и силен ветар при спуштање од врвот, навистина се уплашив и мислев колку е сурова планината. Во тие моменти одличната навигација и доброто познавање на планината од страна на водичот Јачимовиќ беше навистина клучна и добредојдена. Благодарна сум што можев да им се придружам во тој момент и благодарна сум за нивното несебично делење на шатор со мене пред искачувањето и по враќањето од врвот.
За разлика од вака организираните групи, кога човек индивидуалец како мене решава да оди сам, тој е свесен за сите дополнителни работи што мора да ги организира и сноси сам. Додека нив во секој базен камп ги чека топол чај и силен оброк, јас допрва треба да топам снег и да зготвам нешто ако не сакам да останам гладна. Многу пати и си легнав гладна кога поради студ или умор не чувствував дека ќе можам да готвам.
Како стигнав во базниот камп, од висински интернет локал ја објавив веста и му пишав на Иле дека следниот ден во еден ден ќе се симнам до местото Penitentes, инаку тоа е ски центар во подножјето на Аконкагва. Иако интернетот се прекина и не знаев дали пораката е пратена, на мое големо задоволство и пријатно изненадување Иле разбрал и следниот ден ме пречека тамо, каде после 8 дена јадев нормален оброк. Иле ја следел ситуацијата и прогнозата на Аконкагва преку интернет и особено се загрижил како ќе го поднесам студот со опремата што ја изнајмив оти немав сопствена. Сепак станува збор за скапа опрема која ние со нашите скромни средства на самофинансирање за оваа експедиција, како единствено решение имавме да изнајмиме опрема бидејќи да ја купиме истата беше далеку од нашите можности. Кога се изнајмува таква опрема, таа може да е стара или оштетена па да ги нема истите спецификации како кога е нова. Температурата од -27 на висина, на денот кога се качив на врв беше вистинско изненадување. Тоа не беше прогнозирано пред да тргнам. Иле се загрижил уште повеќе и пробувал да ме лоцира и да ме исконтактира преку радиостаниците на контролните точки во базните кампови. Тие само му одговарале: Илина помина од овде, но сега не можеме да ја лоцираме. Вистина, брзо ги поминував контролните точки.
Во моментот на најголем студ Иле мислел дека ќе се откажам, но еве повторно ќе кажам, мислата кон него ме однесе до врвот 6963м. Планината ме сакаше како и јас неа. Ми беше жал што од 4 Македонци кои истовремено се најдовме на Аконкагва, само јас успеав да го веам знамето на врвот.
Планината е сурова, моќна и непредвидлива што мора секогаш да се почитува. Таа го има завршниот збор и одлука, и против тоа не можеме ништо.
Илина Арсова
Мендоза 17.02.2011
|