ЗА АЛПИНИЗМОТ

Секој размислува, резонира, и донесува заклучоци врз основа на тоа со колку искуство и знаење располага. За интелегенцијата не би сакал да зборувам, затоа што сметам дека би навлегол во теми што би ме однеле надвор од целта што ја имам. Во секој случај, интелегенцијата е основа за извлекување поента од сето ова. Многу често, настојувајќи да објаснам, кои се моите ставови за планинарството, и алпинизмот, го кажувам она што го спомнав на самиот почеток. Бидејќи многу пати сум бил во ситуација да ме „освестуваат“, за она што го правам, дека е опасно, едно бесцелно измачување, без некоја материјална корист, каде што влогот е сопствениот живот. Слободан Јовановски Боби, член на македонските хималајски експедиции во осумдесетите години од минатиот векСпоред ова, излегува дека јас сум во заблуда која што трае, повеке од 25 год. А чувството на задоволство, и среќа, е една обична илузија. Имав на располаганје цели 27 год. да сфатам дека алпинизмот, е опасен спорт и активност. Свесни за сите ризици, алпинистите настојуваат максимално да ги сведат опасностите на минимум, со тренинг, сериозно планирање и анализа, и систематско акумулирање на искуства. И после се, не постои 100% сигурност, но тоа е прашање на избор. Земајќи го ова во предвид, и фактот дека секогаш постои можност нешто да се случи, секој активен алпинист, знае дека е доволен само 1% на невнимание и погрешна проценка за трагедија. А тој 1%, треба да не држи во мобилна состојба за опасностите да се сведат на минимум. Сум бил и во ситуација да ме убедуваат, дека алпинистите се потенцијални самоубијци на кои што (според еден студент на Теолошки факултет), не им следува опело, или литургија, во случај да се случи она што никој од нас не го посакува, затоа што нели, свесно го довеле во опасност, или се откажале од својот живот. А тоа претходно, дека сме потенцијални самоубијци, го имам слушнато од човек што е доктор, и активен повеќе години во психијатријата, а воедно и често го гледаме на планина. Немам друго што да кажам, освен дека сето тоа се најобични глупости. Па на светов постојат илјадници „заведени“ луѓе што се активни во алпинизмот, и доколку сите тие беа потенцијални самоубијци, ќе имавме масовен масакар насекаде во светот. Ниеден алпинист не оди во планина со цел нешто да му се случи, туку да ги реализира своите желби и планови, да се врати долу, и да ги сподели своите импресии и доживувања со сите оние што сакаат да слушаат, или уживаат во истото.

Зошто го пишувам сето ова? Затоа што сметам дека може да делува едукативно, и да ги поттикне сите оние што се пократки за некои искуства (во овој случај - алпинизмот), да размислуваат, и сфатат дека не постои дефиниција што важи подеднакво за сите, затоа што сите ние сме со различни погледи, и потреби. Некој наоѓа содржина и исполнетост во планинарството и алпинизмот, а други пак не. Тоа што за мене, и за оние со слични размислувања, може да биде од извонредна важност, за друг можеби е обична безначајна глупост. Она што мене ми остави огромен впечаток уште на самиот почеток на моите активности, е сознанието дека алпинизмот има толку јаки допирни точки со човековата потреба да истражува, да ги осознава своите лични можности и граници, и границите на својата околина,и да ги поместува напред. Тоа е оној потенцијал, и движечка сила, на која што можеме да и заблагодариме, а ја поседуваа многуте пионери и освојувачи во безброј примери од историјата на човештвото. Да не постоеа луѓе со такви размислувања, и пориви, многу работи ќе останеа неоткриени.

Мое мислење е дека планинарите се луѓе допрени од Бога. Затоа што нашле сатисфакција и исполнетост да се движат во овие простори, а тие простори не случајно од најраната историја, па и денес во некои земји, се места каде што живеат боговите. Нашето настојување, да ги поместиме границите на нашите можности, се всушност, припрема за средба со Боговите. Затоа што само оние што го сфатиле тоа, ќе имаат можност да ги споделат моментите на неизмерна среќа, што ја чуствуваме на врвот, удостоени барем за кратко, да бидеме и ние дел од просторите каде што живеат тие - Боговите.


Слободан Јованоски-Боби
26.11.2008

МАИЛИНГ ЛИСТА
на КПС „Македон“

Правилник за организирање акции

10 Корисни совети за планинари почетници