Рила (Мусала) и Витоша (Црн врв), 26 - 30.09.2008

На крајот од месец септември имавме можност да споиме неколку слободни денови и да ги искористиме за планинарење. Со Душко Христов и Мила Искреновиќ решивме да направиме мини турнеја по бугарските планини Рила и Витоша.

По ноќното возење со автобусот Скопје – Софија пристигнавме на главната автобуска станица (централна автогара) во раните утрински часови (околу 5). Автобуската се наоѓа веднаш до железничката станица (централна гара), блиску до центарот на Софија. Во железничката станица има менувачница која работи нонстоп и веднаш може да се заменат пари по добар курс.

За да се стигне на Рила се оди до Самоков, град на 70 км. од Софија. Меѓуградскиот автобус тргнува од друга станица (автогара југ), но може да се пречека на Цариградско шосе (булевар кој води кон излезот за Пловдив – Истанбул), кај окружна болница. За да се дојде до автогара југ или до окружна болница може да се користи градски автобус. Пред железничката станица има многу линии за градски автобуси, се е јасно напишано на кирилица која линија каде оди, со сите попатни станици. До автогара југ мислам дека се оди со број 433, а до окружна болница има многу линии. Кога ќе се излезе на окружна болница треба да се застане десетина метри во насока кон Софија, спротивно од движењето на возилата. Тука застанува автобусот за Самоков (станицата не е обележана). Ние го избравме вториот начин (окружна болница), и за кратко време бевме на пат за Самоков.

За час и пол пристигнавме во Самоков. Оттука има минибуси за Боровец (ако се оди на Мусала) и за тур. Комплекс Маљовица (ако се оди на врв Маљовица). За жал, за Маљовица има само еден наутро во 8,15 (беше отиден) и еден попладне во 16 ч. За Боровец има често, на секои половина час. Ни пропадна можноста да одиме за Маљовица, тргнавме за Боровец и Мусала.

Временските услови беа добри за планинарење, иако нешто постудено во споредба содруги години во ова време. Во долниот дел од патеката, низ чамовата шума имаше магла. По излегувањето од шумата некаде на половина пат од Боровец до домот Мусала ја преминавме реката и продолживме низ нискостеблеста, грмушкеста зимзелена долина која постепено оди нагоре нудејки ни прекрасен видик кој е уште поубав по сончево време. Се разбира, како одевме погоре, ветерот и студот беа се посилни. Околу четири часа ни беа потребни за да стасаме до домот Мусала кој е на 2350 м. висина. Таму видовме некои промени: се доградуваше големиот дом (започнат во времето на социјализмот И недовршен), а на стариот дом му се реновираше трпезаријата и кујната. Сепак, да се преспие имаше можност.

Продолживме нагоре, кон врвот Мусала ослободени од дел од товарот кој го носевме во ранците. Патот нагоре беше покриен со снег, и моите летни планинарски чевли почнаа да пропуштаат. По два часа бевме на врвот Мусала (2925 м. највисок на Балканот). Направивме неколку фотографии, се освеживме со топол чај и назад кон домот. Убава глетка која другпат не сум ја видел беше комбинацијата од белината на снегот и модрата боја на езерата и облаците. Обично во зима кога има снег езерата се замрзнати, покриени со снег и не се гледаат. Полека се стемнуваше кога се вративме во домот. Собата во која требаше да спиеме беше многу студена, но печката на дрва за кратко време ја стопли. Вечерта се дружевме со планинари од Израел, како и со домаќините на домот.

Следното утро, свежи, тргнавме надолу. Времето беше сончево низ долината, но во шумата повторно магливо. Во Боровец се мрзневме малку чекајки го минибусот. Стигнавме во Самоков, таму друга клима. Пониско е, беше сончево и топло. Се двоумевме: за Маљовица или за Витоша. Некако посигурно ни се виде за Витоша и тргнавме за Софија. Беше рано попладне кога стигнавме во Софија. Првпат одевме до Витоша во сопствена режија, и релативно добро и брзо го минавме тој пат.

За Витоша од Софија се оди по повеќе правци. Нам најмногу ни одговараше од автобуската станица запад (се наоѓа во Овча купел – кварт во Софија – на булеварот кој е излез за Ќустендил и Скопје). По информациите од мапата на Витоша одовде имало редовна автобуска линија. Сега ја немаше, или е само во сезона. За среќа, ни кажаа дека има минибус кој запира на булеварот (за Ќустендил и Скопје) и доаѓа откај центар, значи може и таму да се пречека (кај Рускиот споменик или кај плоштад Македонија). Бевме единствените патници за нагоре, веројатно тоа беше последната тура за тој ден. По малку запуштен асфалтен пат не донесе до последната станица – златните мостови. Местото се вика така, инаку е сува река со огромни тркалезни камења, веројатно остатоци од некогашен глечер.

Многу софиски планинари и излетници се спуштаа до тука, за да се вратат дома по денот или викендот поминат на планина. Оттука за час - час и пол пешачење нагоре низ густа букова шума дојдовме до местото каде што има неколку планинарски домови. Мислевме дека нашето денешно патешествие заврши. Но не било така. Испадна дека домовите и хотелите во овој период од годината, помеѓу две сезони, работат само за викенд. А викендот завршуваше. Сите си одеа надолу, само ние нагоре. Сепак, дознавме дека имало некој хотел кој работи и тргнавме да го бараме. Се стемни пред да го најдеме. Се чинеше дека ќе ја минеме ноќта под ведро небо. Но, во мракот се појави светла точка: една шупа – кафеана со две клупи и двајца добри луѓе – домаќинот Цанко и џандарот Румен. Спокојниот муабет покрај топлата печка го прекинаа за да ни помогнат. Румен со својот Москвич не однесе и не смести во хотелот кој сами тешко ќе го најдевме во мракот. И така, со пријатен разговор на разни теми со нашиот нов пријател, заврши и оваа мала авантура. Следното утро – качување на Черни врх (2290 м). По патека низ шумата, а потоа по тревнатите падини на Витоша го минавме и тоа. Друштво ни правеше прекрасен пес раса овчар, инаку чувар на еден од планинарските домови. Мина и тој ден.

Вторник наутро – враќање во Софија, прошетка низ центарот и продавниците додека дојде времето за поаѓање на автобусот (19 ч). Околу 24 часот пристигнавме во Скопје, турнејата заврши.

Тодоровски Денко

Денко, Дуле, Мила

Sky Bet by bettingy.com
weather

Битола

4°C

Охрид

6°C

Тетово

8°C

Велес

7°C

clenstvo
Членарината за година во ПК Македон изнесува 400 денари, вклучувајќи и осигурување до 3000 мнв.

Повеќе
about
Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со...

Повеќе